Изложбата е поставена во Ликовната галерија при НУЦК „Марко Цепенков“-Прилеп...
„Градот во мене“ е изложбата на уметнички дела од м-р Александар Џинго, отворена синоќа во Ликовната галерија од Центарот за култура "Марко Цепенков" во Прилеп , во присуство на многубројни љубители на неговото творештво, меѓу кои и градоначалникот Дејан Проданоски и директорката на Центарот, Марија Попова Јованоска.
На почетокот вечерта ја отвори хорот Св.Петка со убава македонска песна, а потоа актерката Марија Спиркоска Илиеска се осврна на творештвото на Џинго, посочувајќи дека е уметник со слобода на духот, на мислата и изразувањето.
„Секое дело , секој лик има приказна од каде иди што чувствува и каде заминува. Важно е што ние користиме од градот од позитивните работи, за да оставиме позитивно дела“ - рече Марија Спиркоска Илиеска, посакувајќи му на уметникот да продолжи да сонува и да креира.
За циклусот " Градот во мене" зборуваше Бранче Трајкоски, кој рече дека делата комуницираат со историското во уметноста преку академскиот реализам, а со актуелното, преку современата апстракција - и така, создаваат моќна фузија меѓу класичната уметност и современиот експресионизам.
„Делата се одликуваат со совршена рамнотежа меѓу цртачката техника со јаглен и контролираната линија, од една страна, и сликарскиот колорит (реализиран со маслени бои, мрсен пастел и акрил), од друга страна. Овој колорит варира од монохроматски до полихроматски, изразен преку слободен, речиси неконтролиран потег. Ваквото комбинирање на техниките успешно го дефинира трансформативниот стил на композицијата – тој е елегантен, динамичен и просторен, со силен авторски печат врз платната....Гледачот се наоѓа пред интроспективни уметнички остварувања во голем формат, мошне погодни за уметнички простори, дела со моќна визуелна појавност која овозможува естетско и енергетско препознавање на сопствените
емоции и импликации од надворешната средина“ - рече Бранче Трајкоски за најновиот циклус на Џинго.
М-р Александар Џинго е академски уметник, професор по ликовно образование во Прилеп, има реализирано повеќе самостојни и групни изложби, учествувано на колонии и работи театарска сценографија и костимографија.
Изложбата е поддржана о Министерството за култура и туризам.
#Култура



Коментари
Постави коментар