На 30 и 31 октомври во Штип ќе се одржи 41. издание на фестивалот за забавни мелодии „Макфест“...
Македонската музичка сцена повторно ќе биде во фокусот на јавноста. На 30 и 31 октомври (петок и сабота) 2026 година во домот на култура „Ацо Шопов“ во Штип ќе се одржи 41. издание на фестивалот „Макфест“, една од најзначајните манифестации посветени на македонската забавна музика.
И годинава фестивалот ќе понуди две вечери исполнети со нови композиции, различни музички стилови и современи аранжмани. На сцената се очекува да се сретнат искусни автори и интерпретатори, но и нови имиња кои допрва го градат своето место на македонската музичка сцена.
Уметничкиот директор на „Макфест“, Роберт Саздов, најавува интересна селекција на песни, зад кои стојат автори со долгогодишно искуство, но и препознатлив музички израз.
Очекувањата се годинашното издание да донесе нови мелодии кои ќе продолжат да живеат и по завршувањето на фестивалските вечери, како дел од радио и телевизискиот етер.
„Макфест“ повеќе од четири децении е дел од македонската музичка традиција, а низ неговата историја се создадени бројни песни кои останале запаметени кај публиката.
Комплетната програма, како и имињата на овогодишните учесници, организаторите се очекува да ги објават во периодот што следува.
Христијан Ангелески
#Фестивали

Коментари
Постави коментар