Евровизијата ќе се одржи во градот Бургас во Република Бугарија...
Македонија повторно ќе биде дел од најголемиот европски музички спектакл. По петгодишна пауза, Македонската радио-телевизија (МРТ) официјално потврди дека земјава ќе учествува на Евровизија 2027, која ќе се одржи во Бургас, Бугарија.
Со враќањето на евровизиската сцена, МРТ најавува и нов пристап во организацијата на македонскиот настап. Генералниот директор на јавниот сервис, Зоран Ристоски, истакнува дека МРТ има поддршка од Европската радиодифузна унија (ЕБУ) во промоцијата на македонските културни вредности, а воедно се очекува и поповолен финансиски пакет за повторното учество. Една од најзначајните новини е најавата за целосно транспарентен процес при изборот на македонскиот претставник.
„Завршува практиката на нетранспарентен избор. Јавноста ќе знае како и според кои критериуми е избран претставникот што ќе ја претставува Македонија на Евровизија“-посочува Ристоски.
Македонската делегација на Евровизија 2027 во Бургас ќе ја предводат Јана Бурческа и Александра Јовановска, кои ќе имаат важна улога во организацијата и претставувањето на земјата на престижниот музички настан. Македонија последен пат настапи на Евровизија во 2022 година, кога Андреа Коевска со песната „Кругови“ не успеа да избори место во големото финале. Најголемиот успех во последните години останува настапот на Тамара Тодевска, која во 2019 година со песната „Горда“ се пласираше во финалето и го оствари најдобриот македонски резултат во историјата на натпреварот според гласовите на стручните жири-комисии.
Враќањето на Македонија на Евровизија отвора ново поглавје за домашната музичка сцена. Пред јавноста останува да види каков ќе биде новиот систем за избор на претставник и кој ќе ја добие довербата да ги брани македонските бои во Бургас. Евровизија 2027 ќе биде можност Македонија повторно да ја претстави својата музика пред милионската европска публика и да се обиде да се врати меѓу финалистите на најгледаниот музички натпревар во Европа.
Извор на информации: Музика 24
#Магазин

Коментари
Постави коментар