Пређи на главни садржај

Во Битола иложба „Дама со девет камења“ од уметникот Иванчо Талевски

Изложбата ќе биде во новата сцена при НУ Центар за култура Битола...

Самостојната изложба „Дама со девет камења“ на уметникот Иванчо Талевски ќе биде отворена во петок, 3 јули во 20:00 часот, во Нова сцена при НУ Центар за култура - Битола. На 4 јули во 19:00 часот следува негово предавање и промоција на книга што ја анализира состојбата околу изгубените цртежи на Марко Цепенков и патешествието на овој проект.

„Дама со девет камења“ е мултимедијален изложбен проект на уметникот Иванчо Талевски, кој преку цртеж, графички техники, проекции и звук, го елаборира и комплицира поимањето на минатото како материјал, со цел да евоцира прашања околу индивидуалната и колективната меморија, историјата и припадноста, нивното бележење, опстојување и бришење. Во фокусот на овој проект се две збирки на цртежи и нивното просторно осмислување. Една од збирките е колекција на цртежи изработени со јаглен од Талевски, а другата збирка е имагинативен дијалог со музичарот и композитор Васко Дуковски околу изгубените цртежи на еминентниот автор и собирач на народно творештво, Марко Цепенков.

Почнувајќи од 2015 година, при неговите чести патувања помеѓу Битола и Филаделфија, САД, авторот Иванчо Талевски со своите цртежи ги бележи времето и просторот преку претставување на реакции кон различни искуства, општествени процеси, феномени, случки и локации. Создавањето на овие цртежи започнало како пристап на осознавање и истражување на овие две локации, на овие два града, Битола и Филаделфија, овозможувајќи откривање на неочекувани вкрстувања. Овој процес генерира еден вид на меѓупростор кој обединува неспојливи елементи, идеи, настани и идентитети. Згора на тоа, овие цртежи ги следат реверберациите и одгласите што се чувствуваат во физичката средина. Постапката е слична на онаа на хаику поетиката: неримувана и фрагментарна, со нагласок на времето и просторот.

Овој процес на цртање резултира во колекција на фрагменти кои можат да се мобилизираат и активираат преку рефлексивни практики, соработки и генеративни хипотези. Цртежот е најсоодветен медиум за доловување на непосредните траги од трајниот сооднос помеѓу телото и тлото, помеѓу различните локации, помеѓу јазиците.

Цртежите во овој проект произлегуваат од секојдневните прошетки во овие два града и укажуваат на актуелни настани кои бараат преиспитување и рекалибрација на минатото, како и сонување за потенцијални иднини. Џесамин Батарио нè потсетува дека „минатото и сегашноста се спојуваат кога чекориме. Со тоа ние општиме со другите, некогаш, тогаш и сега“. Чиновите на насочување внимание, сведочење и создавање цртежи го интензивираат овој нагон кој му се спротивставува на заборавот. Акумулацијата на овие цртежи наметнува серија прашања: Кон што водат овие записи? Што може да се направи со нив? И, згора на тоа, како човек може да се соочи со минатото, и во тоа соочување, каков вид на иднина може да произлезе од него?

Реагирајќи на сегашноста, овие цртежи неизбежно говорат за минатото; нивното творење го проблематизира концептот на меморијата (паметењето) заедно со официјалните истории, кои и самите се комплицирани поради истовременото бришење и опстојување. Гледан како целина, овој циклус стреми да понуди поимагинативен пристап во соочувањето со минатото.

Понатаму, капацитетот за осцилирање помеѓу специфичноста и двосмисленоста, вграден во самиот медиум на цртежот, иницира движење напред-назад: помеѓу конкретните ургентни прашања кај подидактичните дела, и евоцирањето на непосредна реакција и генеративни асоцијации кај пофрагментарните, апстрактни дела. И така, самиот цртеж нè воведува во мисловен експеримент кој му се спротивставува на пасивното консумирање на минатото, како потсетник да не се подлегне на амнезија. Писателот Оушн Вуонг нè потсетува дека „секоја можност да се каже нешто бара рекалибрација (преиспитување), поглед наназад во страв дека нешто сме пропуштиле“. Преокупиран со ископување на минатото и со бележење на сегашноста, овој циклус на цртежи ги каталогизира реакциите кон безброј искуства, моменти, феномени, настани и локации (места).


Паралелно со овој циклус, Талевски во форма на дијалог презентира едно свое долгогодишно истражување околу изгубените 235 цртежи на собирачот на фолклорно творештво Марко Цепенков. Покрај тоа што работел како кројач, Цепенков патувал низ многу села и градови во Македонија и не само што запишувал усни преданија од различен карактер, туку и изработувал цртежи кои претставуваат редок пример на профан ликовен израз од тој период во регионот.

Цртежите на Цепенков изобилуваат со прикази на разни видови музички инструменти, дијаграми за детски игри, алати, облека и обредни орудија. Интерпретацијата и третирањето на архивските материјали од Цепенков во овој проект се претставени преку долгогодишна соработка, односно дијалог на Талевски со Васко Дуковски.

За овој изложбен проект, творештвото на Дуковски започнува со активирање на цртежот на Цепенков — дијаграм за детска игра под името „Дама со девет камења“. Овој дијаграм функционира како нацрт за девет други звучни композиции на Дуковски кои, изведени истовремено, ги следат правилата на оваа конкретна детска игра за да создадат повеќеслојна констелација, налик на симфонија. Деветте звучни дела се толкувања на девет други цртежи на Цепенков избрани од Дуковски. Детската игра „Дама со девет камења“, забележана од Цепенков во Македонија помеѓу деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, е игра за двајца играчи со два сета од по девет камења во две различни бои, поставени наспроти дијаграм рачно нацртан на подот. Дуковски користи дигитални технологии и рачно изработени инструменти за да генерира звуци кои истовремено ги имитираат и реагираат на различните структурни карактеристики на субјектите прикажани во цртежите на Цепенков. Користејќи мешавина од теренски снимки направени за време на неговиот престој во Њујорк, Шангај и Охрид, заедно со антологија на снимки на македонска народна музика од средината на дваесеттиот век, Дуковски генерира звучни партитури кои го документираат неговиот процес на експериментирање. Комбинирајќи го звукот и визуелната форма, звучните партитури на

Дуковски се претстави на звукот во цртана форма кои рефлектираат врз самиот материјал; во исто време, тие се уметнички дела сами по себе. Во еден текстуален запис за „Звукот, местото и просторот“, уметникот Глен Лајгон се потсетува на изјава на музичарот и поет Сесил Тејлор, кој тврди дека звукот и музиката исто така го менуваат и самиот простор, трансформирајќи го „подрумот во тврдина, поместувајќи го дното на врвот“. „Дамата со девет камења“, како дијаграм впишан на подот на галеријата во рамките на овој аудио-визуелен проект во Нова сцена, станува медитација за преносот, трансформацијата и темпоралноста (минувањето на времето).

Проектот „Дама со девет камења“ го третира цртежот како кревок опис при бележењето и интерпретацијата на историските и општествените процеси. Овој проект, изложен во просторот на Нова сцена при НУ Центар за култура - Битола, претставува адаптација и нова обработка на делото претходно претставено пред публиката во МАНУ како академски труд во 2020 година, во Центарот за графика во Филаделфија, САД, во септември 2021 година и во Националната галерија „Чифте амам“ во Скопје во 2022 година.

Иванчо Талевски (1983) е мултидисциплинарен ликовен уметник и просветен работник кој живее и работи на релација помеѓу Битола и Филаделфија, САД. Во своето творештво користи стратегии на цртеж, графика, сликарство, звук и инсталации со цел да евоцира прашања околу социјалните и политичките состојби, фокусирајќи се на теми како што се индивидуалната и колективната меморија, припадноста, носталгијата, историјата и границите, нивното постоење, опстојување и бришење. Содржината и темите во неговото творештво произлегуваат од личното животно искуство и честите патувања меѓу Филаделфија и Битола. Талевски го започнал своето формално ликовно образование во Средното уметничко училиште „Лазар

Личеноски“ во Скопје, а го продолжил на Академијата за уметности „Интерлокен“ во Мичиген, САД. Магистрирал на Факултетот за ликовна уметност на Школата за дизајн при Универзитетот во Пенсилванија, во Филаделфија, а дипломирал на Уметничкиот колеџ при Институтот


„Мериленд“ во Балтимор, САД. Дела и проекти на Талевски биле изложени во голем број интернационални музеи и галерии, на биеналиња и изложби – во Центарот за цртеж во Њујорк, Центарот за графика во Филаделфија, Музејот на графика во Гуанлан во Кина, Националната галерија „Чифте амам“ во Скопје, Интернационалниот центар за графика во Њујорк, Музејот за уметност на Сеул во Кореја, во изложбениот простор „Тајгер страјкс астероид“ во Лос Анџелес, во галериите „Пинк Нојз“, „Синди Етингер“ и „Артур Рос“ во Филаделфија, во „H18“ во Брисел, во Националниот музеј за уметност во Тајван, на Графичкото триенале во Краков, во Музејот за уметност „Сакима“ во Токио и многу други. Талевски е добитник на многу награди, признанија и грантови од различни фондации и институции, како што се Фондацијата за иновации во уметноста „Сакс“ во Филаделфија, фондациите „Полок Краснер“ од Њујорк и „Елизабет Гриншилдс“ од Канада, а добитник е и на победнички медал на Графичкото биенале во Гуанлан, Кина. Од 2008 година предава цртеж, сликарство, графика и мултидисциплинарно студио на Ликовниот факултет при Универзитетот во Пенсилванија во Филаделфија, САД.

Работел како вонреден професор по сликарство, цртеж и графика на Школата за уметност и архитектура „Тајлер“ при Универзитетот „Темпл“ во Филаделфија, и на Уметничкиот колеџ при Институтот „Мериленд“ во Балтимор. Тој воедно предава на програмите VA International Art and Design Education и SFK International Art Education во Шангај, Кина.

Васко Дуковски, (1984) по потекло од Охрид, е мултидисциплинарен музичар и композитор кој живее и работи во Шангај, Кина. Од 2020 година Дуковски е професор по кларинет на Музичката академија при Универзитетот за уметности „Нанџинг“ во Кина. Факултетското и магистерското образование ги стекнал во Музичката школа „Џулијард“ во Њујорк, каде активно музицирал и творел 17 години. Дуковски има остварено соработки со огромен број ансамбли и композитори, како Џон Адамс, Ричард Карик, Рафаел Сендо, Мајкл Херш, Гералд Коен, Џон Корелијано, Џонатан Дов, Јанчу Димитреску, Ѓорг Фридрих Хас, Филипе Хурел, Петар Котик,

Хелмут Лакенман, Џорџ Луис, Ванг Лу, Алекс Минчек, Рикардо Романеиро, Кејт Сопер, Нина Јанг и многу други. Неговите звучни проекти и инсталации биле претставени пред публиката во „МОМА ПС 1“, Ликовната академија на Пенсилванија во Филаделфија, галеријата „Наполеон“, студиото „Синди Етингер“ во Филаделфија.


#Култура

Коментари

Популарни постови са овог блога

Утре сите во град: „Бела ноќ“ со Игор Џамбазов, концерти и многу настани за сечиј вкус!

 Во Скопје се одржува „Бела ноќ“ со низа настани... Скопје утре, 3 октомври, е подготвено за „Бела ноќ“!   Концерти на отворено, диџејски журки, изложби, театар и детска програма ќе понуди годинашното издание на манифестацијата, во организација на ЈУ „Универзална сала“ и Град Скопје. Еден од главните музички настани е концертот на Игор Џамбазов и „Гуру Харе бенд“, кои ќе настапат во 22:00 часот на плоштадот „Мајка Тереза“, на платото пред МОБ. Публиката ја очекуваат блуз, рок и препознатливата енергија на Џамбазов и бендот. На Боемска улица ќе настапат Владимир Поповски со бенд и DJ Тоше Вељанов , додека кај фонтаната „Лотос“ вечерта ќе биде посветена на електронската музика: Flooder & Vaso од 20:30, DJ Vecky – Fluere од 22:00 и Invictoz – Sempre од полноќ . Програмата ќе ги опфати и платото пред Музејот на современата уметност, амфитеатарот зад Спомен-куќата на Мајка Тереза на улица „Македонија“, платото пред МКЦ, Мостот на уметноста, Порта Буњаковец, плошта...

Градот под Марковите Кули добива своја музичка серенда

Зад проектот стојат познатото музичко дуо Дац и Александар како и естрадната прилепска легенда Блага Петреска... Познатото музичко дуо Александар Митевски и Драган Спасов Дац, заедно со прилепската естрадна легенда Блага Петреска, денеска престојуваат во Прилеп, каде започнува снимањето на видео запис за нивната најнова серенада инспирирана токму од градот под Марковите Кули. Станува збор за емотивен музички проект кој, како што велат авторите, носи  „мирис на тутун и топлина од прилепчани“ . Песната е создадена како омаж на градот, неговата историја и луѓето, доловувајќи го оној препознатлив дух на Прилеп – тивок, но силен, искрен и длабоко вкоренет во традицијата. Снимањето ќе се реализира на повеќе препознатливи локации низ градот, додека централниот дел од атмосферата ќе се пренесе од  Стара чаршија Прилеп , каде околу пладне се очекува и непосредна средба со граѓаните. Организаторите најавуваат топла и спонтана атмосфера, исполнета со музика, насмевки и автентични моменти...

Со богата програма Прилеп го одбележува 11 Октомври

Со над 30 настани Прилеп одбележува 85 години од 11 Октомври... Со богата културно-уметничка програма која ќе биде повеќе од еден месец Прилеп ќе ги одбележи двата празници кои се од особено значење за Прилеп и прилепчани, а тоа се 11 Октомври денот на народното востание на Република Македонија и денот кога т.н пукнала првата пушка во Прилеп и празникот 3 Ноември-денот на целосното ослободување на Прилеп. Прилеп повеќе од месец дена ќе пулсира со настаните кои се оргнизирани за достојно одбележување на овие два знајачни прзници за Прилеп. Програмата за одбележување е следна: Од 1 до 3 октомври (четврток, петок и сабота) ќе се одржи Џез фестивалот „Прилепски џез викенд“ кој ќе се одржува во салата од киното „Мис Стон“ кое е сместено во просториите на Националната установа Центар за култура „Марко Цепенков“-Прилеп. На 4 октомври (недела) со почеток од 21:00 часот во големата сала од Националната установа Центар за култура „Марко Цепенков“-Прилеп ќе се одржи монодрмата „Менопауза“...