Македонското поп дуо „Коктел“ ја претставува својата трета песна по повторното обединување – летна реге-поп нумера со ретро звук, балкански шмек и силна љубовна порака...
По неполни четири месеци од нивната претходна песна, нововозобновеното македонско поп дуо „Коктел“ има ново музичко парче во својата понуда. Овој пат, во духот на своето име, Блаже Темелков и Стевче Грозданов ќе ве освежат со летен музички „Коктел“, исполнет со копнеж за љубов.
„Помисли на мене“ е насловот на новата песна, која во многу нешта потсетува на ретро звукот од 80-тите и 90-тите години – период кога и домашната и светската музика ги создадоа своите најголеми хитови, кои со текот на времето останаа безвременски.
Така звучи и новата, трета по ред песна од обновената фаза на дуото „Коктел“, создадена во реге-поп манир и зачинета со балкански шмек, што ѝ дава дополнителна привлечност не само за љубителите на старите добри времиња, туку и за помладата генерација, на која балканската музичка школа ѝ е стил на живот и забава.
Во суштина, станува збор за лесна, певлива летна тема, идеална за комерцијалните радиостаници, која ќе внесе освежување во нивните плејлисти. Не е рап, трап или ар-ен-би, но затоа е вистински „ретро бикини хит“.
Авторско-продуцентскиот тим и овој пат останува ист. Блаже Темелков е автор на музиката и текстот, а ги изведува и вокалните делници. Стевче Грозданов го изработи аранжманот, ги програмираше и отсвире сите инструменти, додека миксот и мастерингот му беа доверени на Гореан Гешовски.Со оваа трета песна по нивното повторно обединување, дуото „Коктел“ полека го подготвува својот нов музички материјал, кој заедно со нивните обновени и препознатливи хитови ќе биде одлична основа за идните настапи.
Во меѓувреме, помислете на своите сакани, на својата поубава или посилна половина, а ако сè уште ја немате – можеби токму летото е вистинското време да ја пронајдете. Зашто летото е создадено за коктел од љубов, емоции, страсти, забава и авантури.
„Помисли на мене“ и уживајте во новата музичка коктел-тура на дуото „Коктел“.
#Естарада



Коментари
Постави коментар