По три години пауза, Дарко Гроздановски се враќа со нов авторски сингл, создаден во соработка со легендарниот Игор Џамбазов и тим од врвни македонски уметници...
Дарко Гроздановски и Игор Џамбазов – спој на младоста и искуството, а како заедничка особина и на двајцата, како и на целиот тим вклучен во овој проект, се енергијата, трудот и искрената желба да се создаде не само песна со видеоспот, туку вистинско парче уметност.
Главниот „виновник“ за спојот на оваа група уметници е продукцијата „Fresh Union“, зад која стои Васко Павлевски, кој безрезервно се вложи тимот да биде составен од најдобрите од најдобрите. За аудиото е заслужен Мите Димовски, зад камерата стои Огнен Шапковски, а во улогата на шанкерката, во која се вљубува главниот лик – Дарко Гроздановски, се појавува преубавата и добро позната Моника Црнокрак.
И секако… легендарниот Игор Џамбазов – таткото на шанкерката и газдата на локалот во маестралното сценарио на Шапковски, каде што главниот заплет е конфликтот помеѓу Игор и Дарко.
Игор Џамбазов – авторот на многу безвременски хитови, е и автор на „Понеделнички“. Дојде и тој понеделник во кој Дарко Гроздановски, по три години без авторска песна, повторно се појавува во етерот. Овој пат во ново и можеби најквалитетно руво досега, создадено од „материјали“ врз кои се темели македонската музичка уметност.
Дали вредеше чекањето? Проценете сами, драги гледачи и слушатели, и уживајте во „Понеделнички“ денес и секој ден од неделата, секоја недела.
„Сакам сите денови да се понеделници“, напиша Џамбазов, испеа Гроздановски, а вие… уживајте.
#Естарда




Коментари
Постави коментар