„Спомени од минатиот век“-концерт на Михаил Јагуриноски и Искра Атанасова-Митуш во НУЦК„Марко Цепенков“-Прилеп (фото+видео)
Михаил Јагурноски и Искра Атанасова-Митуш со концерт „Спомени од минатиот век“ пред прилепската публика...
Со 6 музички дела на Рахмањинов и едно музичко дело на
Гершвин синоќа во фоајето од НУЦК „Марко Цепенков“-Прилеп концерт на камерна
музика одржаа Михаил Јагуриноски и Искра Атанасова-Митуш. Јагуриноски и Митуш
функционираат како камерно дуо во класата на професорот доктор Нина Костова на
Факултетот за музичка уметност Скопје.
Искра Атанасова-Митуш за синоќешниот камерен концерт пред
прилепската публика вели дека изборот на програмата бил избор на карактери.
„Изборот на програма беше една поделба на нашите
карактери т.е Рахмањинов наликува на мојот карактер, а Гершвин наликува на
каратерот на Михаил. Михаил имаше главна улога во Гершвин, а јас во Рахмањинов.
Со тоа сакавме да си дадеме предизвик еден на друг. Концертот настана од желба
за да прошириме уметност во градовите надвор од Скопје.“-изјави Искра Атанасова-Митуш, музичарка.
Михаил Јагурноски за синоќешниот концерт вели дека
идејата за концертот произлегла органски, а тие двајца како пијанисти секогаш
барале нови луѓе за соработка.
„Идејата произлезе некако органски. Како пијанисти и
музичари секогаш бараме нови луѓе за соработка. Тоа константно е еден нов
интересен момент. Многу добро се вклопивме како професионално дуо и решивме да
излезиме на турнеја како такво дуо. “-рече Михаил
Јагуриноски, музичар.
Имено, Михаил Јагуриноски и Искра Атанасова-Митуш
соработуваат како камерно музичко дуо од 2025 година , а меѓу нивните
најзначајни настапи се издвојуваат камерниот концерт во Ниш (Република Србија).
Михаил Јагуриноски е роден во 2004 година. Тој е млад
пијанист и музичар од Прилеп, Основно музичко образование завршува во ООМУ
„Ордан Михајлоски-Оцка“ во Прилеп во класата на професорот Игор Николоски, а
подоцна и во класата на професорот Денис Најдоски. Средно образование завршува
во Државното музичко училиште „Тодор Проески“ во Битола во класаата на професорот
Јана Четелева-Белевска. Јагуриноски од 2023 година е студент на Факултетот за
музичка уметност при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Скопје во класата на
вонредниот професор мистер Дино Имери. Михаил има одржано повеќе солистички
концерти во Македонија и Србија и е добитник на повеќе награди од државни и
меѓународни музички натпревари.
Искра Атанасова-Митуш е родена во Охрид во 2002 година.
Основно музичко училиште завршува во ОМУ „Методи Патче“ во Охрид во класата на
професорот мистер Даниел Чуркоски. Средно образование завршува во музичкото
училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје во класата на професорот доктор Нина
Костова. Во тој период Митуш посетува мастеркласи кај реномираниот руски
педагог, професорот Људмила Романова. Митуш дипломира во 2025 година со cum laude на Факултетот за
музичка уметност при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Скопје во клсата на
професорот доктор Нина Костова. Атанасова-Митуш одржува концерти во Македонија
и Италија, и е добитник на бројни награди. Атанасова-Митуш моментално е студент
на мастер студии по музичка интерпретација на пијано на Факултетот за музичка уметност
Скопје во класата на професорот доктор Нина Костова.
Христијан Ангелески
#Култура



Коментари
Постави коментар