Највпечатлив момент беше големото оро...
Љубителите на
македонската народна музика од денес имаат можност повторно да го проследат
концертот на Влатко и Златко Миладиноски, кој минатата година се одржа во
арената „Борис Трајковски“. Целосната снимка од настанот е објавена на
официјалниот YouTube канал на
Влатко Миладиноски.
Концертот
предизвика голем интерес кај публиката и беше еден од најпосетените музички
настани во арената. Во текот на вечерта беа изведени бројни љубовни,
печалбарски, патриотски и народни песни, а публиката активно учествуваше во
програмата пеејќи заедно со изведувачите.
Еден од
највпечатливите моменти беше големото оро кое се формираше во салата,
создавајќи атмосфера што многумина ја опишаа како вистинска прослава на
македонската песна и традиција.
На сцената
настапија повеќе од 30 музичари, а програмата беше збогатена со настапи на
играорци, балетски и современи танчери. Покрај Влатко и Златко Миладиноски,
како гости настапија Виданка Георгиевска, Влатко Лозаноски, Некст Тајм, Елена
Андоновска, Дамјан Стојаноски и Дарко Стојаноски.
Свој настап имаше
и гајдаџијата Стефче Стојкоски, додека воведниот текст го интерпретираше
актерот Владо Јовановски, по текст на Регина Икономовска.
Зад
организацијата на концертот стоеше тим од професионалци. Организатор беше Balkan Media, продуцент Трајче Петковски, видео продукцијата ја реализираше Moonlight, аудио продукцијата беше на City Sound, а сценографијата ја потпишува Зоран Тошески.
Со објавувањето
на концертот на YouTube,
публиката која не успеа да присуствува на настанот добива можност да го
проследи во целост, додека оние кои беа дел од музичката вечер можат повторно
да ги доживеат највпечатливите моменти од концертот во арената „Борис
Трајковски“.
Целосната снимка од концертот „Влатко и Златко Миладиноски – Арена Борис Трајковски 2025“ е достапна на официјалниот YouTube канал на Влатко Миладиноски https://youtu.be/Poe4ZfgCgnk?si=20khW7XTEydzLMr-
По успешните
концерти во Македонската опера и балет, на Античкиот театар во Охрид и големиот
концерт во СЦ „Борис Трајковски“, Влатко Миладиноски веќе го најави и следниот
нивен голем концерт кој ќе се одржи на 29 јули на антолошката сцената на
локалитетот Хераклеја во Битола.
#Естрада





Коментари
Постави коментар