Андреј Јовановиќ Дре со прв соло албум „ИТПК – Нов Лист“: 15 песни, легендарни гости и автентична хип-хоп приказна

Талентираниот прилепски музичар, продуцент и ем-си Дре ова лето го најавува своето најголемо музичко остварување, додека паралелно работи и на развојот на хип-хоп сцената преку фестивалот „Ритамот под кулите“...

Андреј Јовановиќ Дре, талентиран музичар, продуцент и ем-си од Прилеп, оваа година интензивно работи на издавањето на својот прв соло албум со наслов „ИТПК – Нов Лист“, кој ќе биде објавен во текот на јули 2026 година.

Албумот е целосно авторско и продукциско дело на Дре, а е снимен во „Студио 048“, додека дел од материјалот е реализиран и во студиото „Алшар“ кај Ивица Јанкулоски – Штраф.

„ИТПК – Нов Лист“ ќе содржи 15 песни, збогатени со гостувања на легендарни музички имиња, препознатливи Boom Bap класици и искрени приказни кои ја отсликуваат реалноста на светот околу нас – свет на кој, според авторот, дефинитивно му е потребен еден „нов лист“.

Покрај својата соло кариера, Дре е дел од хип-хоп дуото „Без Дозвола“, басист во бендот „Brooka“ и гитарист во „Public Band“. Во текот на својата кариера остварил соработки со Пука Козметика, Дејви, Рибио, Tonyo San и многу други македонски артисти.

Заедно со Дејви од „Македонски Синови“, Дре е организатор на првиот хип-хоп фестивал во Прилеп – „Ритамот под кулите“, кој ова лето ќе се одржи по вторпат, на 31 јули, во НУЦК „Марко Цепенков“. Фестивалот полека прераснува во значајна музичка традиција која има потенцијал да стане еден од препознатливите хип-хоп настани во земјата.


#Естрада

Коментари