Државна изложба „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“

 Изложбата е во Центар за култура Битола...

На 20 мај 2026 година (среда), со почеток во 12:00 часот, во НУ Центар за култура - Битола ќе биде отворена традиционалната Државна изложба на детски ликовни творби на тема „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“.

Оваа значајна културна манифестација, која повеќе децении успешно ја негува детската креативност и љубовта кон македонската традиција, претставува простор каде младите автори од целата држава преку своите дела ја оживуваат народната култура, фолклорот, обичаите, носиите и богатото културно наследство.

На изложбата ќе бидат претставени селектирани ликовни творби од ученици од основните училишта од Македонија, создадени под менторство на наставници и ликовни педагози. Преку различни техники, бои и мотиви, децата ја изразуваат својата креативност и визија за традицијата како неисцрпна инспирација за современото творештво.

Изложбата има за цел да го поттикне интересот кај младите генерации за зачувување и вреднување на народната култура, како и да ја афирмира детската ликовна уметност.

НУ Центар за култура - Битола ги поканува љубителите на уметноста, медиумите, учениците и граѓаните да присуствуваат на отворањето и да бидат дел од оваа традиционална културна манифестација посветена на детската креативност и македонското културно наследство.


#Kултура

Коментари