Пређи на главни садржај

„Мачкина глава“ ќе го отвори, „Црно злато“ ќе го затвори јубилејниот 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ - Прилеп

 60 МТФ „Војдан Чернодрински“ ќе се одржува од 5 до 12 јуни 2026 година во Прилеп...

Десет претстави во официјална и четири во придружна програма ќе бидат на програмата на јубилејното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, што ќе се одржи во Прилеп од 5 до 12 јуни 2026 година. Под мотото „Храбриот нов театар“, и тематот „Кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот“, уметничката директорка на фестивалот и селектор на програмата, Ана Стојаноска денеска на прес-конференција во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ја соопшти програмата. Фестивалот ќе биде отворен со претставата „Мачкина глава“ на Драмскиот театар, која е селектирана во официјалната програма, а ќе биде затворен со гостување на Београдско народно позориште, кое ќе ја изведе последната праизведба на „Црно злато“ во режија на Оливер Фрлјиќ, по текст на Дејан Дуковски, Авторот во фокус на фестивалот годинава.
Поради јубилејната година, Собранието избра четворица добитници на наградите за животно дело. Тоа се: Атила Клинче, актер, Сашо Миленковски, режисер, Љубомир Чадиковски, основач на Театар за деца и младинци и сценограф и Веби Ќерими, актер.

По предлог на фамилијата на актерот Кирил Ристоски, Собранието на Фестивалот донесе одлука наградата за главна машка улога од годинава да го носи името на големиот актер, заради неговиот придонес кон македонскиот театар, воопшто.

Да се направи селекција за 60-годишниот јубилеј е еден од доминантните предизвици на подготовките на овогодишниот фестивал. Како театролог, писателка и, пред сè, како вљубеник во театарот, оваа сезона за мене беше една од најпредизвикувачките за селекцијата на претставите, вели Стојаноска во експликацијата на програмата.

„Од изгледаните 54 претстави во македонските институционални театри и независната продукција, како главна одлика се гледа дека доминираат мал број режисерски имиња, квазикомедии кои треба да ни покажат дека публиката доаѓа во театар од една причина, како и препрочити на одамна веќе излитени драми. Недостига поголем простор за македонската драма, независно дали е современа или не, а особено претстави кои сериозно би ја поставиле македонската драма во современ контекст. Иако на репертоарите на театрите имаше македонски драми, сепак, недостигаше современ ракопис кој треба да покаже како треба да изгледа денешната современа драма кај нас, а истовремено некои од претставите работени според македонските драми не беа на соодветно ниво во однос на актуелниот театарски контекст“ - вели Стојаноска и додава:

„За мене, современиот театар денес треба да има став и коментар на состојбата во која се наоѓаме, треба гласно и јасно да ги детектира аномалиите на општеството и да покажува сериозна професионалност. Од она што го видов на македонските театарски сцени, има одлични примери во независната продукција и ретки исклучоци во институционалната продукција. Затоа концептот за ова издание го подредив на тематот – „кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот“. Оваа селекција покажува дека има актери кои некако логично доаѓаат до своите претстави и доминираат во нив. Станува збор за неколку избрани актерски креации кои вреди да бидат презентирани.“-додава Стојаноска.

Претстави во
официјалната селекција се:

„Амадеус“ од Петер Шефер во режија на Андреј Цветановски, продукција на Турски театар – Скопје.
„Едмонд“ од Дејвид Мамет, во режија на Оливер Мицевски, продукција на Народен театар – Битола
„Ивона принцезата на Бургунд“, од Витолд Гомбрович, во режија на Билјана Радиноска, продукција на Театар Комедија – Скопје
„Калигула“ од Албер Ками, во режија на Ѓорѓи Ризески, продукција на Народен театар – Куманово
„Мачкина глава“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, продукција на Драмски театар – Скопје.
„Носорози“ од Ежен Јонеско, во режија на Васил Василев, продукција на Албански театар – Скопје
„Случајната смрт на еден анархист“ од Дарио Фо, во режија на Ивана Ангеловска, продукција на НУЦК „Ацо Шопов“ – Театар – Штип
„Страв и надеж“ по мотивите на Франц Ксавер Крец, во режија на Татјана Мандиќ Ригонат, продукција на Македонскиот народен театар – Скопје
„Црнила“ од Коле Чашуле во режија на Дејан Пројковски, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп
„Челинџ“, автор и режија Јане Спасиќ, Театар за деца и младинци – Скопје


Во придружна програма се избрани претставите:

„Вилицата на Ибен Бајерс“ од Филип Грујиќ во режија на Борис Василевски, продукција на „Штрих“ – Скопје
„Драга Јелена Сергеевна“ од Људмила Разумовскаја, во режија на Шенај Мандак, копродукција на Факултетот за драмски уметности – Скопје и Македонскиот народен театар – Скопје
„Невиност“ од Деа Лоер, дипломска претстава на класата по актерска игра, под менторство на проф. м-р Зоја Бузалковска и вонр. проф. м-р Александар Степанулески
„Сина сенка“ од Брајан Рејнолдс, во режија на Тамара Стојаноска, театар „Златен елец“

За наградите на фестивалот ќе одлучува жирито во состав: Снежана Конески-Руси, актерка, режисерка, Дарко Лукиќ, театролог, независен театарски научник и автор од Хрватска и Аида Буквиќ, наградувана театарска и филмска режисерка од Хрватска.

Во рамките на големиот јубилеј, ќе биде посветен ден на Авторот во фокус, Дејан Дуковски, ќе бидат организирани три изложби, од кои едната со фокус на 60 години фестивал ќе биде отворена за време на отворањето. И годинава ќе биде организиран Музеј во движење со фокус на творештвото на актерите Благој Ивчески, Лидија Иваноска и Трајче Иваноски.

И годинава фестивалот ќе ја организира Детската зона, студентите на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) ќе учествуваат во улични театарски перформанси, ќе бидат организирани промоции.


#Култура

Коментари

Популарни постови са овог блога

Утре сите во град: „Бела ноќ“ со Игор Џамбазов, концерти и многу настани за сечиј вкус!

 Во Скопје се одржува „Бела ноќ“ со низа настани... Скопје утре, 3 октомври, е подготвено за „Бела ноќ“!   Концерти на отворено, диџејски журки, изложби, театар и детска програма ќе понуди годинашното издание на манифестацијата, во организација на ЈУ „Универзална сала“ и Град Скопје. Еден од главните музички настани е концертот на Игор Џамбазов и „Гуру Харе бенд“, кои ќе настапат во 22:00 часот на плоштадот „Мајка Тереза“, на платото пред МОБ. Публиката ја очекуваат блуз, рок и препознатливата енергија на Џамбазов и бендот. На Боемска улица ќе настапат Владимир Поповски со бенд и DJ Тоше Вељанов , додека кај фонтаната „Лотос“ вечерта ќе биде посветена на електронската музика: Flooder & Vaso од 20:30, DJ Vecky – Fluere од 22:00 и Invictoz – Sempre од полноќ . Програмата ќе ги опфати и платото пред Музејот на современата уметност, амфитеатарот зад Спомен-куќата на Мајка Тереза на улица „Македонија“, платото пред МКЦ, Мостот на уметноста, Порта Буњаковец, плошта...

Градот под Марковите Кули добива своја музичка серенда

Зад проектот стојат познатото музичко дуо Дац и Александар како и естрадната прилепска легенда Блага Петреска... Познатото музичко дуо Александар Митевски и Драган Спасов Дац, заедно со прилепската естрадна легенда Блага Петреска, денеска престојуваат во Прилеп, каде започнува снимањето на видео запис за нивната најнова серенада инспирирана токму од градот под Марковите Кули. Станува збор за емотивен музички проект кој, како што велат авторите, носи  „мирис на тутун и топлина од прилепчани“ . Песната е создадена како омаж на градот, неговата историја и луѓето, доловувајќи го оној препознатлив дух на Прилеп – тивок, но силен, искрен и длабоко вкоренет во традицијата. Снимањето ќе се реализира на повеќе препознатливи локации низ градот, додека централниот дел од атмосферата ќе се пренесе од  Стара чаршија Прилеп , каде околу пладне се очекува и непосредна средба со граѓаните. Организаторите најавуваат топла и спонтана атмосфера, исполнета со музика, насмевки и автентични моменти...

Со богата програма Прилеп го одбележува 11 Октомври

Со над 30 настани Прилеп одбележува 85 години од 11 Октомври... Со богата културно-уметничка програма која ќе биде повеќе од еден месец Прилеп ќе ги одбележи двата празници кои се од особено значење за Прилеп и прилепчани, а тоа се 11 Октомври денот на народното востание на Република Македонија и денот кога т.н пукнала првата пушка во Прилеп и празникот 3 Ноември-денот на целосното ослободување на Прилеп. Прилеп повеќе од месец дена ќе пулсира со настаните кои се оргнизирани за достојно одбележување на овие два знајачни прзници за Прилеп. Програмата за одбележување е следна: Од 1 до 3 октомври (четврток, петок и сабота) ќе се одржи Џез фестивалот „Прилепски џез викенд“ кој ќе се одржува во салата од киното „Мис Стон“ кое е сместено во просториите на Националната установа Центар за култура „Марко Цепенков“-Прилеп. На 4 октомври (недела) со почеток од 21:00 часот во големата сала од Националната установа Центар за култура „Марко Цепенков“-Прилеп ќе се одржи монодрмата „Менопауза“...