Пређи на главни садржај

МНТ СО НОВ ТЕАТАРСКИ БРАН: ВНИМАТЕЛНО КУРИРАНА ПРОГРАМА СО ПРЕМИЕРИ, МЕЃУНАРОДНИ ГОСТУВАЊА И ОТВОРЕНА СЦЕНА ЗА МЛАДИ

 МНТ со нов театарски бран-премиери, меѓународни гостувања и отворена сцена за млади...

На денешната прес-конференција, Македонскиот народен театар ја претстави годишната програма за 2026 година, која опфаќа нови премиери, меѓународни гостувања, копродукции и активности насочени кон поддршка на младите автори и независната сцена. Во однос на минатата година, буџетот за МНТ е зголемен за 56 проценти. 

 

Директорот на МНТ, Никола Кимовски, истакна дека театарот во новата сезона влегува со „силна, интензивна и внимателно курирана програма“, со премиери што отвораат актуелни општествени прашања, нови копродукциски соработки и гостувања кои го позиционираат МНТ како активен регионален и европски културен чинител.

 

„Создаваме репертоар кој комуницира со времето во кое живееме, а истовремено самоуверено ја носи традицијата напред. Особено важно за нас е што отвораме простор за младите актери, новите режисерски имиња и независните продукции, затоа што МНТ треба да биде платформа и поддршка за новата генерација автори“, изјави Кимовски.

 

Во МНТ веќе се одвиваат пробите за претставата „Страв и надеж“ од Франц Ксавер Крец, во режија на трофејната белградска режисерка Татјана Мандиќ Ригонат. Во претставата играат Александар Микиќ, Тања Кочовска, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Сашка Димитровска, Сашко Коцев, Дарја Ризова, Наталија Теодосиева, Дамјан Цветановски и Нела Павловска.

 

Во текот на 2026 година на сцените на МНТ ќе бидат поставени и следните претстави: „Три сестри“ од Чехов, во адаптација на Ана Ристоска и во режија на Нела Витошевиќ, „Црно злато“ од Дејан Дуковски, во режија на Слободан Унковски, во копродукција со „Сектор филм“ и „Козата или која е Силвија?“ по мотиви од Едвард Олби, во адаптација и режија на Шенај Мандак.

 

Во рамки на меѓународната програма, ансамблот на МНТ ќе гостува на повеќе сцени и фестивали во регионот. Претставите „Мој термин“ во режија на Синиша Евтимов и „Варвари“ во режија на Владимир Милчин ќе бидат изведени на сцената на Словенечкото народно гледалиште во Марибор. Со претставата „12“ во режија на Синиша Евтимов, МНТ ќе гостува во Дубровник. Претставата „Ничија земја“ во режија на Александар Морфов ќе биде дел од програмата на Меѓународниот театарски фестивал „Црно море“ во Варна. Во април, претставата „Народен пратеник“ во режија на Егон Савин ќе биде изведена на фестивалот „5-ре“(ПЕТРЕ) во Велес.

 

Во рамки на одбележувањето на 81 година од постоењето на МНТ, во март и април ќе се реализира посебна роденденска програма со гостувања на регионални и меѓународни уметници. Програмата започнува на 30 март со стенд-ап шоуто „Шоубиз“ на познатиот актер Никола Ѓуричко.

На 1 април, на сцената на МНТ ќе гостува Словенечкото народно гледалиште Марибор со претставата „Амадеус“ во режија на Александар Поповски. На 3 април, СНГ Марибор ќе ја изведе монодрамата „Безгрешна (Immaculata)“, инспирирана од романот „Маријиниот завет“, како омаж на режисерот Томаж Пандур. Роденденската програма ќе биде заокружена на 4 април со претставата „Другата страна“, продукција на Црногорското народно позориште од Подгорица.

 

Во текот на годината МНТ ќе реализира и повеќе копродукциски проекти со домашни и меѓународни партнери. Па така, на 17 март на малата сцена ќе биде изведена премиерата на „Син понеделник“, во режија на Борјан Стојков, копродукција меѓу „Перипетија продукција“ и МНТ. На 27 март, на Светскиот ден на театарот, премиерно ќе биде изведена танцовата претстава „Диво месо“ од Горан Стефановски, во режија на Борче Начев. Премиера ќе има и авторскиот проект „Силно светнал ден – Стихови што заслужуваат музика“ на Игор Џамбазов, во режија на Синиша Евтимов, со учество на „Гуру Харе бенд“. Во подготовка е и монодрамата „Бивир Бивир (Да се живее – да се преживее)“, во која игра Снежана Коневски Руси, која е и автор на текстот и ко-режисер заедно со Борче Начев. Во режија на Моника Ставревска ќе се постави претставата „Касапски кучиња“, по адаптација на текстот и истоимениот филм на Квентин Тарантино, со учество на млади актери. Финскиот режисер Јари Јутинен во МНТ ќе ја постави претставата „Западен експрес“ од романскиот автор Матеи Вишњек, копродукција меѓу МНТ и МИ Филм, во која играат Ивица Димитријевиќ, Мирјана Трпковска и Васко Костовски. Во подготовка е и монодрамата „Внатре“, со текст на Александар Русјаков и Благица Секуловска, во која игра Арна Шијак, со музика на Горан Трајкоски. Куриозитет е што музиката од претставата ќе биде издадена на винил-плоча, како дел од новата иницијатива на МНТ за издавање авторска театарска музика.

 

Во фокусот на годишната програма е и малата сцена на МНТ, која ќе биде дополнително отворена за независната театарска продукција и новите автори. Концептот има за цел да создаде динамичен и „патувачки“ театарски репертоар, преку кој, дел од новите претстави ќе гостуваат во повеќе градови низ Македонија. Овој концепциски новитет е инспириран од делото и духот на доајенот на македонското глумиште, Петре Прличко, како симбол на театар кој патува, обединува и носи светлина таму каде што е најпотребна.

„Ќе ги отвориме вратите за најхрабрите и најупорните млади уметници. Сакаме да ги видиме од блиску, бидејќи ова е и нивен театар. Идејата е малата сцена да прерасне во инкубатор на свежи идеи“-рече режисерот Бојан Трифуновски, кој е задолжен за независната сцена.

 

Летната сцена „Славиша Кајевски“ ќе биде отворена на 18 јуни со концерт на Дац и Александар. На 19 јуни ќе настапи Бени Нон Стоп, на 20 јуни диџеј Никифор, а на 21 јуни програмата ќе биде затворена со настап на Гоце Саф.

 

„Техниката е секогаш во позадина на театарот, и ова e ретка прилика да бидеме вклучени на пресот на инсистирање на директорот Кимовски ја гледам како признание за се што правиме за овој театар. Благодарејќи на тоа што оваа година имаме драстично зголемување на буџетот, конечно ќе можеме да ги санираме левото и десното фоаје, каде што имаше штета од прокиснувањето од терасите.“- изјави Гунтер Кубе, технички раководител во МНТ.



#Култура

Коментари

Популарни постови са овог блога

Утре сите во град: „Бела ноќ“ со Игор Џамбазов, концерти и многу настани за сечиј вкус!

 Во Скопје се одржува „Бела ноќ“ со низа настани... Скопје утре, 3 октомври, е подготвено за „Бела ноќ“!   Концерти на отворено, диџејски журки, изложби, театар и детска програма ќе понуди годинашното издание на манифестацијата, во организација на ЈУ „Универзална сала“ и Град Скопје. Еден од главните музички настани е концертот на Игор Џамбазов и „Гуру Харе бенд“, кои ќе настапат во 22:00 часот на плоштадот „Мајка Тереза“, на платото пред МОБ. Публиката ја очекуваат блуз, рок и препознатливата енергија на Џамбазов и бендот. На Боемска улица ќе настапат Владимир Поповски со бенд и DJ Тоше Вељанов , додека кај фонтаната „Лотос“ вечерта ќе биде посветена на електронската музика: Flooder & Vaso од 20:30, DJ Vecky – Fluere од 22:00 и Invictoz – Sempre од полноќ . Програмата ќе ги опфати и платото пред Музејот на современата уметност, амфитеатарот зад Спомен-куќата на Мајка Тереза на улица „Македонија“, платото пред МКЦ, Мостот на уметноста, Порта Буњаковец, плошта...

Градот под Марковите Кули добива своја музичка серенда

Зад проектот стојат познатото музичко дуо Дац и Александар како и естрадната прилепска легенда Блага Петреска... Познатото музичко дуо Александар Митевски и Драган Спасов Дац, заедно со прилепската естрадна легенда Блага Петреска, денеска престојуваат во Прилеп, каде започнува снимањето на видео запис за нивната најнова серенада инспирирана токму од градот под Марковите Кули. Станува збор за емотивен музички проект кој, како што велат авторите, носи  „мирис на тутун и топлина од прилепчани“ . Песната е создадена како омаж на градот, неговата историја и луѓето, доловувајќи го оној препознатлив дух на Прилеп – тивок, но силен, искрен и длабоко вкоренет во традицијата. Снимањето ќе се реализира на повеќе препознатливи локации низ градот, додека централниот дел од атмосферата ќе се пренесе од  Стара чаршија Прилеп , каде околу пладне се очекува и непосредна средба со граѓаните. Организаторите најавуваат топла и спонтана атмосфера, исполнета со музика, насмевки и автентични моменти...

Со богата програма Прилеп го одбележува 11 Октомври

Со над 30 настани Прилеп одбележува 85 години од 11 Октомври... Со богата културно-уметничка програма која ќе биде повеќе од еден месец Прилеп ќе ги одбележи двата празници кои се од особено значење за Прилеп и прилепчани, а тоа се 11 Октомври денот на народното востание на Република Македонија и денот кога т.н пукнала првата пушка во Прилеп и празникот 3 Ноември-денот на целосното ослободување на Прилеп. Прилеп повеќе од месец дена ќе пулсира со настаните кои се оргнизирани за достојно одбележување на овие два знајачни прзници за Прилеп. Програмата за одбележување е следна: Од 1 до 3 октомври (четврток, петок и сабота) ќе се одржи Џез фестивалот „Прилепски џез викенд“ кој ќе се одржува во салата од киното „Мис Стон“ кое е сместено во просториите на Националната установа Центар за култура „Марко Цепенков“-Прилеп. На 4 октомври (недела) со почеток од 21:00 часот во големата сала од Националната установа Центар за култура „Марко Цепенков“-Прилеп ќе се одржи монодрмата „Менопауза“...