Победата е за сезона 2024/2025 година...
Со неверојатна поддршка од публиката – дури 138.714 гласа – Никола ја освои титулата што ја посакуваа 20 финалисти од целиот регион. Големото финале се одвиваше синоќа до доцна во ноќта и понуди вистински музички спектакл, но најголемиот блесок дојде токму од Македонија.
Никола, роден во 2000 година, живее во Скопје и веќе настапува со свој бенд на домашната и странска сцена. Со својот глас, харизма и автентични интерпретации на македонски фолклор и поп музика, тој освои не само срцата на гледачите туку и на членовите на жирито, особено на неговата менторка Светлана Цеца Ражнатовиќ.
„Македонската музика ми е блиска и мила. Ова момче е бисер“, изјави Цеца, која во еден од најемотивните моменти на вечерта се крена и заигра македонско оро, занесена од настапот на својот кандидат.
Во претпоследната емисија, тимот на Никола приреди вистинско културно шоу – облечени во македонски народни носии, со зурли и тапани, публиката ја доведоа до транс. Кулминацијата беше кога Станишиќ се качи на тапаните и ја испеа култната „Ќе ти дојдам вечер“ од Спасен Силјаноски. На финалната вечер, пак, Никола одлучи да ја допре емоционалната страна на публиката со изведбата на песната „Ако утре ме нема“ од ДНК, која ја посвети на жртвите од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Публиката и жирито беа во солзи.
Покрај признанието, статуетката и емотивниот аплауз, победата донесе и вредни награди: нов автомобил Fiat, целосна маркетинг поддршка и ветување за професионален развој од продукцијата на шоуто.
„Им благодарам на мојата Македонија и на мојот ментор. Ова не е само моја победа – ова е победа на нашата музика,“ рече Станишиќ со солзи на сцена, додека ја пееше „Бисер балкански“ – химната со која го заокружи својот пат до врвот.
Иако Никола беше главен ѕвезда на вечерта, и останатите финалисти не заминаа празни раце – сите добија специјални признанија со името на Саша Поповиќ, основачот на продукцијата, како траен спомен на нивниот труд и успех.
Инфо: Музика 24
Инфо: Музика 24
#Естрда

Коментари
Постави коментар