Пређи на главни садржај

Изложба „Порти кон бескрајот“ на уметникот Илија Кочоски в петок во Прилеп

Изложбата е во фоајето од НУЦК„Марко Цепенков“-Прилеп...

На 11 јули 2025 (петок) во 20:00 часот, во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, ќе биде отворена третата самостојна изложба на прилепскиот уметник и архитект Илија Кочоски, насловена „Порти кон бескрајот“….Од некогашната фонтана „Кај волната“ (каде што е денес фонтаната на Итар Пејо), па сè до препознатливата фонтана „Раце“ кај хотел „Скопје“, многу од обележјата на Прилеп носат негов потпис. Со оваа изложба, неговиот богат, симболички и духовен сликарски свет, за првпат се претставува пред јавноста.

„Порти кон бескрајот“ е ретка можност прилепската јавност да се сретне со досега необјавени дела од уметник чие визуелно наследство одамна е втиснато во генотипот на градот – но без да го препознаеме како такво. Фонтани, споменици, обележја – секој од нас минал покрај некое негово дело, а малкумина знаат кој стои зад нив.

Изложбата го отвора сликарскиот свет на Илија Кочоски, уметник, архитект и автор на бројни јавни уметнички интервенции во Прилеп и пошироко, кој со децении делува тивко, но длабоко. Делата што ќе бидат изложени се создадени во еден продлабочен и самосвојен период на неговото творештво, а досега никогаш не се прикажани пред публика.

Овие слики не се создадени за декорација, туку како прашалници впишани во материја. Секоја од нив повикува – да се застане, да се вдише, да се зачекори нанадвор од рационалното. Во нив има нешто древно и истовремено потполно лично. Како иконите – не поради религиозноста, туку поради внатрешната строгост, ритамот и повторливоста, нивната скриена моќ на присуство.

Материјалите што Кочоски ги користи – бакар, дрво, масло, златни клинци – не се тука заради ефект, туку како наталожени слоеви на искуство: како тавите од нашето секојдневие, куполите од храмовите, прагот од старата куќа. Во нив се спојуваат ритуалот и интимата, светото и секојдневното.

Изложбата е поделена во два циклуса. Првиот, инспириран од мотивот на „Тајната вечера“, е геометриска и колористичка медитација – наспроти вториот, кој отворено се прашува за еволуцијата на свеста, за присуството на човекот во космосот, и за границите на духовното и материјалното. Тие „порти“ не водат во простор – туку во состојба.

Во време кога визуелното брзо се конзумира и уште побрзо се заборава, овие дела бараат да се остане со нив. Да се гледа подолго. Да се почувствува нешто што не се кажува лесно.

Изложбата е поддржанa од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.

Илија Кочоски – роден во Прилеп 1950 г. во градот на тутунарите, до својата дваесетта година ја студира маката на Рациновите тутунари. Уште како помлад има можност да го следи троножното столче на Аче по прилепските сокачиња. Се воодушевува од личноста на Аче, а бидејќи другарува со неговиот син Кирил има можност да ги гледа цртежите и сликите во неговиот дом. Во основното училиште забележан е по тоа што црта нагледни паноа по предметите биологија и хемија. Во гимназијата професорот по музика Јанчулески е воодушевен од портретите на Шуберт и Бетовен кои ги изработува за кабинетот по музика. Првата фреска ја црта на калканот од куќата во која живее. На неа беа мотиви од феномените на шеесеттите години на минатиот век: слетувањето на првиот човек на месечината, на фреската е насликан месечевиот модул – тројката Олдрин, Колинс, Амстронг а од другата страна беа насликани ливерпулската четворка Битлси како два феномени на шеесеттите години. Долго време како ориентир во градот се спомнуваше „Куќата на космонаутите“ во маалото Рид.

Во наездата на новите бранови на западната музика и појавата на вокално инструментални состави низ Прилеп никнаа многу забавни музичари, и во 1967 година во Прилеп беше одржана првата гитаријада во Македонија. Зафатен од овај бран, младиот Илија Кочоски ги дизајнира и изработува плакатите за рекламирање на овај настан. Како следбеник на оваа музика со голем ентузијазам ги работи плакатите и наградните знаменца за ова култно музичко збиднување.

По запишувањето на Aрхитектонскиот факултет во Скопје во два наврата оди на патувања низ Европа – претежно во Италија и Франција каде ги запознава ренесансните мајстори низ Лувр, Версај, Боргезе, Ватикан…На факултетот по предметот Ликовна уметност му предаваат познатите сликари и педагози Белогаски и Мазев. Во 1974 година ја отвора првата самостојна изложба во домот на армијата во Прилеп (денешна општинска зграда) а веќе наредната 1975, во летниот период, ја фрескослика обновената црква во с. Извор – Велешко. Во црквата во период од една година слика дваесетина фрески и педесетина икони на иконостасот.

По завршувањето на факултетот се вработува во Мермерен комбинат – Прилеп каде не прекинува со уметничката дејност. Нарачките од Сојузот на борците – Прилеп до Мермерениот комбинат најчесто ги реализираше инж. арх. Илија Кочоски, па така изникнуваат многу споменици во Прилеп и околината:

  • Споменик на паднатите борци од месноста Варошко маало пред домот „Забрчани“.
  • Споменик на борците загинати во с. Плетвар.
  • Споменик на паднатите партизани во с. Русјаци – Македонски брод.
  • Споменик на планината Мукос каде загинуваат седум борци од оредот „Димитар Влахов“ кои биле опколени од непријателот, меѓу кои и легендарниот командант Горанов.
  • Во чест на митингот одржан во с. Царевиќ подигнат е достоен споменик.
  • Во чест на погубувањето на Костурската чета на „Ножот“, во 1992 година е поставен крст.
  • Фонтана во ориентален стил проектирана и изградена при поплочувањето на Старата чаршија во Прилеп на место викано „Кај волната“ – која, за жал, е срушена и заменета со споменикот на Итар Пејо.
  • По повод изградбата и пуштањето во употреба на регионалниот водовод „Студенчица“, е проектиран плоштад со езерце и летна сцена од страна на Мермерен Комбинат Прилеп на чело со инж. арх. Илија Кочоски и инж. Китаноски. Иако проектот не беше реализиран, од него произлегува фонтаната „Раце“, која најпрво стоела пред Комерцијална Банка, а потоа е преместена помеѓу хотелот „Скопје“ и „Шула комерц“

Во меѓувреме Кочоски ја подготвува својата втора самостојна изложба, и во март 1981 година ја отвора во домот на културата „Марко Цепенков“.

По повод 100 годишнината од убиството на велешкиот војвода Велко Апостолески – Попадински го проектира и изведува споменикот во с. Попадија каде на народен собир и прослава споменикот е откриен во 2008г. Споменикот е донација од Мермерен Комбинат Прилеп а со големо залагање на инж. Трајче Гочески.

Во меѓувреме со помош на планинарското друштво „Јане Сандански“ поставува спомен плочи на разни локации, како на чешмата на „Шаќир Војвода“ над селото Прилепец, како и плоча на Бидимаш – каде се собрала првата партизанска група.

Пред заминувањето од Мермерниот Комбинат, како техолошки вишок, го проектираше и заедно со Благоја Јосифоски го изведува параклисот посветен на Пресвета Богородица – Заштитничка на рударите, кој се наоѓа во дворот на Мермерниот комбинат.

Споменици во Прилеп и околијата

  • Шаторов камен
  • Ѓогдере
  • Крст за Игуменијата Зрзе
  • Фонтана „Кај волната“
  • Споменик пред домот Спиро Забрчанец
  • Спомен чешма с. Плетвар
  • Споменик за митингот во село Царевиќ
  • Споменик на планина кај село Ваташа
  • Обелиск на планината Мукос
  • Фонтана Студенчица – писцина „Раце“
  • Крстот на „Ножот“
  • Споменик на војводата Велко Апостолов – с. Попадија
  • Споменик на паднатите борци во село Русјаци
  • Параклис „Пресвета Богородица“ –  Мермерен Комбинат

Спомен плочи

  • Плоча пред домот „Солидност“
  • Плоча на Бидимаш – Селечка планина (излегување на првите партизани од одредот Гоце Делчев)
  • Спомен плоча „Шаќирочешма“ с. Прилепец

#Култура

Коментари

Популарни постови са овог блога

Утре сите во град: „Бела ноќ“ со Игор Џамбазов, концерти и многу настани за сечиј вкус!

 Во Скопје се одржува „Бела ноќ“ со низа настани... Скопје утре, 3 октомври, е подготвено за „Бела ноќ“!   Концерти на отворено, диџејски журки, изложби, театар и детска програма ќе понуди годинашното издание на манифестацијата, во организација на ЈУ „Универзална сала“ и Град Скопје. Еден од главните музички настани е концертот на Игор Џамбазов и „Гуру Харе бенд“, кои ќе настапат во 22:00 часот на плоштадот „Мајка Тереза“, на платото пред МОБ. Публиката ја очекуваат блуз, рок и препознатливата енергија на Џамбазов и бендот. На Боемска улица ќе настапат Владимир Поповски со бенд и DJ Тоше Вељанов , додека кај фонтаната „Лотос“ вечерта ќе биде посветена на електронската музика: Flooder & Vaso од 20:30, DJ Vecky – Fluere од 22:00 и Invictoz – Sempre од полноќ . Програмата ќе ги опфати и платото пред Музејот на современата уметност, амфитеатарот зад Спомен-куќата на Мајка Тереза на улица „Македонија“, платото пред МКЦ, Мостот на уметноста, Порта Буњаковец, плошта...

Градот под Марковите Кули добива своја музичка серенда

Зад проектот стојат познатото музичко дуо Дац и Александар како и естрадната прилепска легенда Блага Петреска... Познатото музичко дуо Александар Митевски и Драган Спасов Дац, заедно со прилепската естрадна легенда Блага Петреска, денеска престојуваат во Прилеп, каде започнува снимањето на видео запис за нивната најнова серенада инспирирана токму од градот под Марковите Кули. Станува збор за емотивен музички проект кој, како што велат авторите, носи  „мирис на тутун и топлина од прилепчани“ . Песната е создадена како омаж на градот, неговата историја и луѓето, доловувајќи го оној препознатлив дух на Прилеп – тивок, но силен, искрен и длабоко вкоренет во традицијата. Снимањето ќе се реализира на повеќе препознатливи локации низ градот, додека централниот дел од атмосферата ќе се пренесе од  Стара чаршија Прилеп , каде околу пладне се очекува и непосредна средба со граѓаните. Организаторите најавуваат топла и спонтана атмосфера, исполнета со музика, насмевки и автентични моменти...

Со богата програма Прилеп го одбележува 11 Октомври

Со над 30 настани Прилеп одбележува 85 години од 11 Октомври... Со богата културно-уметничка програма која ќе биде повеќе од еден месец Прилеп ќе ги одбележи двата празници кои се од особено значење за Прилеп и прилепчани, а тоа се 11 Октомври денот на народното востание на Република Македонија и денот кога т.н пукнала првата пушка во Прилеп и празникот 3 Ноември-денот на целосното ослободување на Прилеп. Прилеп повеќе од месец дена ќе пулсира со настаните кои се оргнизирани за достојно одбележување на овие два знајачни прзници за Прилеп. Програмата за одбележување е следна: Од 1 до 3 октомври (четврток, петок и сабота) ќе се одржи Џез фестивалот „Прилепски џез викенд“ кој ќе се одржува во салата од киното „Мис Стон“ кое е сместено во просториите на Националната установа Центар за култура „Марко Цепенков“-Прилеп. На 4 октомври (недела) со почеток од 21:00 часот во големата сала од Националната установа Центар за култура „Марко Цепенков“-Прилеп ќе се одржи монодрмата „Менопауза“...